Sunday, September 21, 2014

Важноста на овошјето во исхраната - поединечно



       
       
      
             Важноста на овошјето во исхраната

            Овошјето е совршено за нашата исхрана, бидејќи содржи малку калории, а многу течности, витамини и минерали. Покрај тоа, овошјето содржи и многу други хранливи состојки како растителни влакна, растителни масла, флавоноиди, глутатион, ликопен, каротин итн., кои не заштитуваат од прекумерна тежина и многу болести.
            Тоа е здраво да се јаде, бидејќи не снабдува со енергија и потребните состојки, а врши и  детоксикација на телото и им помага на органите за варење. Вареното овошје и индустриски приготвените сокови имаат многу помалку хранливи состојки од свежото овошје. Најдобри и најздрави се цедените сокови од свежо овошје.

            Под поимот овошје се подразбира зрелиот плод на растението што содржи семе. Тоа се всушност култивираните или самоникнатите повеќегодишни дрвенести или зелјести растенија, кои се користат во човековата исхрана во свежа или преработена состојба.
            Според градбата на плодот и биолошките карактеристики, овошјето се дели на шест основни групи:
1.     Јаболчесто овошје: јаболко, круша, дуња, мушмула;
2.     Јагодесто: јагода, капина, малина;
3.     Коскесто: цреша, вишна, кајсија, слива, праска;
4.     Јаткасто: орев, бадем, лешник, ф'стак;
5.     Бобичесто: грозје, рибизла,боровница, брусница;
6.     Јужно и тропско: лимон, портокал, мандарина, цитрон, авокадо, киви, смоква, банана.

             Јаболкото е едно од најраспространетите видови на овошје. Тоа има освежителен, кисело-сладок вкус и посебна арома. Енергетската вредност изнесува од 52-56 kcal/ 100 g свежо јаболко. За разлика од другите видови на овошје, јаболките лесно се чуваат, може долго време да се чуваат во складишта, па затоа свежи може да се јадат во текот на целата година.
            Од витамините кои се присутни во јаболкото треба да се истакнат: витамините А, B1, B2, нијацинот, витаминот C. Од минерали, јаболкото најмногу содржи калиум и фосфор, а содржи во помали количини и железо и калциум. Покрај витамините и минералите овој сочен плод содржи и антиоксиданси, протеини, јаглехидрати, масти, органски киселни и растителни влакна, кои дополнително го засилуваат одбранбениот систем на телото. Свежото јаболко содржи доста пектини, кои во организмот ги впиваат водата и отровните продукти во цревата. На тој начин јаболкото ги отстранува отровите од организмот.
            Јаболкото најчесто се јаде свежо, но може и да се пече, да се вари, суши, преработува во сокови, во мармалад, во џем, во желе, а од него може да се направи и многу ценетиот и здрав јаболков оцет. Најдобро е да се јаде свежо или како свежо цеден сок,  кој не смее да стои подолго од половина час. Кората на јаболкото е здрава и корисна, но само доколку јаболките не се прскани со заштитни средства. Доколку не се знае потеклото на јаболкото, подобро е тоа да се излупи.
            Јаболката го намалуваат нивото на лошиот холестерол (LDL), а исто така и ризикот од појава на запушени артерии и висок крвен притисок. Помагаат во превенцијата од срцеви болести и атеросклероза, го оневозможуваат таложењето на мастите во црниот дроб и штитат од рак. Конзумирањето на јаболка може да го намали ризикот од појава на астма и рак на белите дробови.
            Во јаболката има исклучително многу растителни влакна кои ја подобруваат работата на дигестивниот систем, помагаат во регулирањето на столицата и даваат чувство на ситост, го зголемуваат и лачењето на урината.  Покрај тоа, растителните влакна во јаболката го одржуваат нивото на шеќер стабилно. Јаболката се одлични и против дијареја и против запек.
            Исто така, јаболкото помага во спречувањето на кариесот. Самото касање и џвакање на јаболкото, го стимулира лачењето на плунка во усната празнина, која од своја страна ги измива бактериите и го намалува ризикот од создавање на кариес. Присуството на калциум уште повеќе го зголемува позитивниот ефект на јаболката врз забите.


          
   Крушите се вкусно и хранливо овошје. Енергетската вредност на 100 g свежи круши е 58 kcal / 242 kJ, при што 15,5%  се јаглехидрати, 0,4% протеини и 0,1% масти. Крушите се познати по тоа што од нив се прави квалитетна ракија, но тие се користат и за правење на компоти, сокови, мармалад и др. Најдобро е да се јадат свежи.
            Крушата не содржи натриум, маснотии и холестерол, а содржи значителни количини на моносахариди: фруктоза и гликоза, витамини од групата B, кои му помагаат на организмот полесно да се справи со стресот. Тие го хранат нервниот систем и учествуваат во процесот на добивање енергија од јаглехидратите. Исто така, крушата е добар извор на витамин C, бакар, калиум и растителни влакна, особено пектин.
            Витаминот  C и бакарот, имаат јако антиоксидативно дејство и ги уништуваат штетните слободни радикали во организмот, па затоа, крушите се природни заштитници против многу заболувања, вклучувајќи ги и малигните болести.
            Најмногу растителни влакна има во кората на крушата, па најдобро е таа да не се лупи. Тие помагаат во одржувањето на нивото на шеќерот и холестеролот во крвта, овозможуваат нормална функција на цревата и нивно редовно празнење, помагаат во справување со покачена телесна тежина, го намалуваат ризикот од појава на рак на дебелото црево итн.
            Крушата е природен чувар на срцето и крвните садови. Тоа се должи на отсуството на холестерол, отсуството на натриум (кој во големи количини води кон покачување на крвниот притисок), присуството на антиоксидансите и влијанието на растителните влакна врз апсорпцијата на мастите. Како одличен извор на фитонутритиенти со антиоксидантна активност, крушата го чува кардиоваскуларниот систем забавувајќи го процесот на атеросклероза.
            Присутниот калиум учествува во регулацијата на срцевиот ритам, во мускулната контракција, во работата на крвниот систем, во преносот на нервните импулси и во метаболизмот на белковините и јаглехидратите и учествува во градбата на коските и забите.
            Крушите се сметаат за хипоалергено овошје, кое многу помалку предизвикува алергии во однос на другите видови на овошје. Поради тоа се препорачува крушките да бидат меѓу првите овошја, кои ќе се вклучат во исхраната на доенчињата.


             
Јагодите се омилени и кај возрасните и кај децата, поради карактеристичните органолептички особини: убавиот изглед и пријатниот слатко-киселкаст вкус. Тие не се само вкусни, туку и многу корисни. Во себе содржат богатство од витамини, минерали, растителни влакна и антиоксиданси, кои поволно влијаат на човековиот организам.
            Состојките во јагодите имаат моќни антиоксидантни својства, па затоа јагодите ги намалуваат последиците од воспалителните процеси во организмот, го чуваат здравјето на артериите, ги спречуваат ризиците од заболувања на срцето, помагаат против стареење. Свежите јагоди се користат против стрес и напнатост, за лекување на анемија, зајакнување на крвта, болести на бубрезите и жолчното кесе, поволно делуваат при висок крвен притисок.
            Јагодите се одличен извор на фолат, витамин C, а содржат и растителен фенол, кои заедно со антиоксидансите го намалуваат ризикот од појава на рак и срцеви заболувања. Тие се добар извор на растителни влакна, кои благотворно делуваат на дигестивниот систем, го намалуваат холестеролот во крвта, го намалуваат ризикот од срцеви заболувања, штитат од рак на дебелото црево, а се одлични и во борбата против слободните радикали и целулитот.
            Поради фактот што јагодите содржат фолна киселина, тие помагаат  при забременувањето, ја намалуваат депресијата, ја подобруваaт работата на мозокот. Јагодата е ефикасна за избелување на забите, а доколку се користи за лицето, кожата ќе изгледа сјајна, мазна и помлада.
            Исхраната која се базира на јагоди е насочена кон подобрување на здравствената состојба, а потоа и кон намалување на телесната тежина. Јагодите содржат 90% вода, затоа брзо ја гасат жедта и се идеални за одржување на витка линија, особено кај оние кои се обидуваат да се ослободат од вишокот килограми.
            Најдобро е јагодите да се конзумираат свежи, но тие се користат за подготвување на разни кремови за овошни торти, колачи и палачинки, за подготвување сладоледи и фрапеа. Исто така, се користат за правење сок, мармалад или џем. Поради интензивната црвена боја се употребуваат и за украсување на колачи, торти и кремови.
            Сокот од јагоди освежува, тонизира, добро ја гасне жедта. Исто така, сокот од јагоди влијае врз холестеролот, т.е. тој е одлично средство за превенција од атеросклероза и од други кардиоваскуларни болести.
            При конзумирањето на јагодите сепак постои ризик од алергиски реакции. Јагодите содржат протеини кои можат да предизвикаат алергија, па затоа треба да се избегнува да им се даваат на деца до 2 години, особено ако во семејството постојат случаи на алергија на јагоди.

           
  Малините се многу ценето овошје заради својот пријатен, ароматичен и освежителен вкус и мирис. Плодот на малините се користи во исхраната како свеж плод, замрзнат плод, џем, слатко, сок, оцет, сируп и друго.  Од листовите на малината може да се направат многу лековити чаеви.
            Енергетската вредност на 100 грама свежи малини изнесува 52 kcal / 217 kJ. Плодот на малините во себе содржи: вода, шеќери, органски киселини, масни, азотни, обоени (антоцијани и полифеноли) и мирисни материи, витамини (витамин Ц,  витамини од Б групата, витамин Е и К), ензими, растителни влакна,  минерални материи (калиум, калциум, фосфор, железо).
            Малините се богати со разновидни антиоксиданси. Околу 25% од актиоксидативната активност на малината припаѓа на антоцијаните. Антоцијаните ја даваат интензивната црвена боја на малините, го штитат организмот од штетното дејство на слободните радикали, поседуваат единствени антимикробни својства, го спречуваат растот и разможувањето на бактериите и габите во телото.
            Елагинска киселина ја има во голем процент во малините. Оваа киселина има повеќестепено благотворно дејство. Влијае на тој начин што прави комплекси со токсичните метали и ги исфрла од организмот. Дејствува и врз малигните ќелии, кои брзо се размножуваат така што ја забавува и во одредена концентрација целосно ја стопира нивната делба.
            Малините се одличен извор на витамин Ц, кој е јак антиоксиданс ( 20% од антиоксидативната активност на малината припаѓа на витаминот Ц).
            Големото количество на растителни влакна ги прави малините совршени во подобрување на работата на цревата и спречување  на развојот на ракот на дебелото црево. Растителните влакна ја зголемуваат осетливоста на инсулин и така го спречуваат развојот на дијабет од тип 2. Познато е и дека овие влакна ја забавуваат апсорпцијата на шеќер и холестерол во крвта, па малините може да се користат и како регулатори на нивото на шеќер и холестерол. Малината се препорачува како диетална храна за болните од шеќерна болест или за болестите на бубрезите, како и за болните со реума.
            Од плодовите на малината се приготвува малинов сируп и оцет, кои го јакнат срцето, а може да се прави и сок, кој помага при треска. Малините се здрави и за срцето и крвните садови, бидејќи ги врзуваат жолчните соли во дебелото црево и ги исфрлаат од телото.
            Освен плодот на малината, се користат и нејзините лисја. Од листовите на малината се прават чаеви кои се користат за ублажување на воспалението на грлото (против кашлица), за ублажување на воспалението на цревата, при пролив, кожни заболувања (кожен осип), но и општо за подигање на имунитетот и за јакнење на срцето. Чајот помага и при болни менструации и при менопаузни тегоби.

          
  Кајсијата е многу вкусно и здраво овошје. Свежата кајсија содржи доста вода, а малку калории (околу 50 kcal на 100 гр. плод) и многу корисни супстанци. Сувите кајсии содржат скоро шест пати повеќе калории отколку свежите, бидејќи содржат поголемо количество на шеќер, а богатство на железо и калциум.
            Плодот на кајсиите содржи: белковини, растителни влакна, масти, растителни хормони, јаглехидрати, целулоза, пектини, органски киселини, етерични масла, есенцијални масни киселини, витамини и минерали. Од витамини, кајсијата содржи каротини, од кои и потекнува портокаловата боја на кајсијата, потоа витамини од групата Б, фолна киселина, витамини E и Ц. Од минерали содржи доста калиум, калциум, фосфор, магнезиум, железо, цинк и бакар.
            Кајсијата се јаде свежа и сува, но од неа се приготвуваат и вкусни џемови, мармалади, компоти, сок и ракија. Во нејзината средина се наоѓа семка која содржи амигдалин (витамин Б17) за кој се смета дека има антиканцерогени својства. Најздрав е свежо подготвениот сок без конзерванси и без додаток на шеќер.
            Кајсиите се корисно овошје за здравјето на луѓето. При големите жештини, после обилното потење, тие на организмот му ги надополнуваат изгубените течности, но и витамините и минералите. Делотворни  се во подобрување на работата на мозокот и при лекување на слабокрвноста, поради богатството на фолна киселина, кобалт и бакар. Посебно се препорачуваат во исхраната на децата, за оние кои се занимаваат со напорна интелектуална работа, како и за лицата кои имаат проблеми со очите.
            Како добар извор на бета каротин кајсиите помагаат при инфекции и кожни проблеми. Бета каротинот заштитува од акутни и хронични кожни оштетувања, предизвикани од изложеност на сонце,  го намалува оштетувањето на ДНК молекулите спречувајќи го развојот на дегенеративните болести, ги поттикнува одбранбените сили на организмот.
            Исто така, кајсијата содржи и големи количини ликопен ( антиоксиданс), кој му помага на организмот во борбата против ракот и го заштитува од разни болести. Ликопенот, кој е присутен  во кајсијата е многу ефикасен во борбата против слободните радикали, кои штетно влијаат врз здравјето на човекот,  има важна улога во зајакнувањето на имунолошкиот систем, а поволно делува и на работата на срцето. Потврдена е заштитната улога на ликопенот во појавувањето на ракот на простата, како и намалување на ризикот од рак на желудникот, дојката и кожата.
            Бета каротинот и ликопенот од кајсијата го намалуваат и нивото на „лошиот“ холестерол во крвта, па на тој начин тие се природно средство за борба против атеросклерозата и болестите на срцето.
            Кајсијата може да помогне при проблеми со срцето, дегенеративни промени во мускулите, несоница, рак, запек, кашлица, анемија, умор, бронхитис, астма и др. Благотворна е во одбраната на телото од инфекции, во подобрување на видот и обновување на ткивата. Ги зајакнува срцето, очите, белите дробови, забите и коските, цревата, нервите и имунолошкиот систем. Кајсијата и сок од неа го забрзува отстранувањето на токсичните материи од телото.
            Дијабетичарите и луѓето со зголемено ниво на холестерол, треба да избегнуваат консумација на сувите кајсии, бидејќи тие содржат многу повеќе шеќер и калории.

             Сливата е корисно овошје што во себе содржи многу лековити состојки. Во исхраната сливата се конзумира свежа, сушена или преработена во џем, мармалад, слатко, компот, ракија и сок.
            Поради изобилството од витамини, минерали, диетални влакна и природите шеќери, сливата зазема важно место како овошје во одржување на здравјето. Таа има ниска енергетска вредност, само 46 kcal на 100 g, што е за четири пати помала од леб. Пријатниот вкус на сливата доаѓа од добриот сооднос на  шеќерите  (5 различни видови) и овошните киселини.
            Во 100 грама свежа слива има: 87 g вода, 11 g јаглехидрати, 1,4 g диететски влакна и 0,7 g протеини.  Од витамини има најмногу бета-каротин (провитамин А), витамин Ц, витамин E, фолна киселина, ниацин и витамин Б6. Кога станува збор за минерали, богата е со калиум, фосфор, калциум, магнезиум, натриум, железо и бакар.
            Сливите содржат антоцијани - пигменти кои се важни во спречувањето на анемија. Значајно е да се нагласи дека сливите природно го содржат шеќерниот алкохол сорбитол, кој се користи како замена за шеќер при производството на слатки диететски производи, кои се наменети за дијабетичарите и лица кои консумираат ограничени количества на шеќер.
            Сливата е идеална храна во многу диети, особено кај заболувања на  бубрезите, црниот дроб, при реуматизам, замор (ментален и физички), гадење,  губење на апетит итн.
            Сливата поради присуството на витамините од Б комплексот претставува  стимулатор на размена на јаглехидрати во организмот. Помага при ментални нарушувања и проблеми со концентрацијата, го зајакнува срцето и имунитетот, го регулира варењето на храната, го чисти телото и ги отстранува од него штетните материи, го стимулира црниот дроб и го подобрува апетитот.
            Витаминот Ц е важен бидејќи помага подобро да се апсорбира железото во телото, помага во смалување на ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар, како и некои видови на рак. Благодарение на калиумот, сливите го стимулираат лачењето на урината, а тоа е од големо значење во лекувањето на реума, артериосклероза, анемија и др.
            Диететските влакна кои сливата ги има, исто така се важни. Поради присутниот пектин (кој набабрува во стомакот)  сливите создаваат волуменизирана мека столица, што е многу важно во лекувањето на хемороидите или цревни болести, дејствуваат  превентивно против ракот на дебелото црево, делуваат на  намалување на холестеролот во крвта итн.
            Аналгетскиот ефект на чај од листовите на слива се корисни во третманот на болки во грлото, воспаление на крајниците (ангина, разни инфекции), каде што со чајот се врши плакнење на грлото. Облогите од ракијата од сливи помагаат при многу болести и тегоби (зголемена температура, болки во зглобовите, реума...)
            Сувата слива во споредба со друго овошје има двапати повеќе антиоксидантна моќ. Во составот на сувата сливата се наоѓа концентриран сорбитол и влакна кои даваат поголем лаксативен ефект во однос на свежите  сливи. Тие им се забранети на дијабетичарите поради концентрираните шеќери.

          
  Боровинки, благодарение на богатиот нутритивен состав, којшто вклучува голем број на вредни супстанции како што се: витамини, минерали, јаглехидрати, антиоксиданси, растителни влакна и друго, може да се сметаат за „супер овошје”. Енергетската вредност изнесува 57 kcal / 238 kJ на 100 g. Се употребуваат како свежи директно од природата, смрзнати, суви или преработени (сокови, џемови, компоти, слатко итн).
            Боровинките се користат за спречување и елиминација на инфекции на уринарниот тракт. Компонентите што ги содржат го чистат мочниот канал и мочниот меур. Помагаат во одржување на нивото на холестеролот (диететски влакна-пектин) и придонесуваат за здравјето на срцето. Исхраната богата со боровинки значително го подобрува менталниот капацитет при учење, ги зјакнува моторните вештини и го заштитува мозокот од стрес. Ова овошје се покажало и мошне ефикасно во спречување на појава на рак на јајници.
            Тие се рангираат меѓу овошјата најбогати со антиоксиданси, кои ги неутрализираат слободните радикали, го забавуваат процесот на стареење и оштетување на клетките. Од антиоксидансите присутни се: флавоноидите, антоцијаните (темно сина боја), бета каротинот, фенолните компоненти, елагинската киселина и витамините А, Е и Ц.
            Боровинките се одличен извор на витамин Ц, кој е неопходен за формирањето на колагенот и одржувањето на здрави непца и капилари. Витаминот Ц е важен и за апсорпција на железoто и одржувањето  на имунолошкиот систем. Тој делува како моќен антиоксиданс кој, покрај тоа што позитивно делува во случај на настинка, астма и други болести, исто така го намалува ризикот од некои видови рак на: устата, грлото, желудникот, хранопроводникот, дебелото црево и белите дробови.
            Од минералите изобилуваат со манган кој игра важна улога во развојот на коските, метаболизмот на протеините и метаболизмот на јаглехидратите. Присутни се и калиумот, калциумот и фосфорот.
            Боровинките влијаат на подобрување на видот, особено се препорачува за подобрување на ноќното гледање. Свежи се користaт за лекување на хемороиди, против нередовна столица и слаб апетит. Тие се препорачуваат во текот на бременоста за да се намали ризикот од појава на проширени вени и хемороиди,  а сосема се безбедени и за децата.
            Сокот од боровинка, кој е биотрансформиран со помош на бактериите кои се наоѓаат во лушпата на ова овошје, е одлично средство за оние кои имаат проблеми со прекумерната тежина или страдаат од дијабетес. Исто така, сокот се користи и за плакнење на усната празнина. Сувите боровинки се употребуваат при дијареа, како и за стопирање на крварења при појава на хемороиди.
            Освен плодот, и лисјата на боровинката имаат одредени својства. Тие се богати со танини, гликозиди и флавоноиди. Чај направен од боровинки во народната медицина се користи за дијареа, болки во устата и грлото, шеќерна болест, забрзување на растот на косата, како и за облоги.
            Боровинката како додаток во исхраната треба да се користи за: зајакнување на капиларите и подобрување на циркулација, намалување на ризикот од појава и развој на атеросклероза, забрзување на процесот на зараснување на рани, подобрување на визуелната функција и заштита на очите, намалување на ризикот од развој на катаракта и ретинопатија, намалување на ризикот од проширени вени и хемороиди.

            
Грозјето е добар извор на хранливи материи, кои се од суштинска важност за нашето тело. Тоа е лесно сварливо овошје и многу хранливо. Може да се конзумира свежо или да се користи за производство на џем, сок, слатко, желе, оцет, вино, екстракт од семки, суво грозје, меласа и масло од гроздови семки. Енергетската вредност на 100 g свежо грозје изнесува 69 kcal.
            Грозјето може да биде со црвена, црна и бела боја. Содржи: јаглехидрати, влакна, протеини, витамини и минерали вклучувајќи калциум, фосфор, железо, калиум,витамин Ц, витамини од Б комплексот. Белото грозје има многу слична енергетска вредност како и црното, но нешто помалку содржи калиум и калциум и е  посиромашно со феноли во споредба со црното грозје.
            Терапевтската вредност на грозјето е тесно поврзана со неговото богатство на гликоза, која помага во создавање на енергија во телото потребна  за правилно функционирање на виталните органи, како што се срцето, црниот дроб, белите дробови и бубрезите. Ова овошје учествува во намалување на киселоста на мочната киселина и елиминирање на киселините од телото.
            Во голема мера грозјето се состои од целулоза, шеќер и органски киселини, a oваа комбинација го прави да биде добар лаксатив и помага при запек и при лошо варење на храната. Тој го подобрува и го поттикунува метаболизмот, ги отстранува токсичните материи од организмот и покрај лаксативното има и диуретско дејство.
            Грозјето е важен извор и на биофлавониди, кои го штитат организмот од штетното дејство на слободните радикали, кои може да предизвикаат многу заболувања, вклучувајќи ги и малигните болести. Поради тоа, грозјето има и антиканцерогено дејство. Поради разните антиоксидаси кои ги содржи грозјето, тоа е овошје со јако дејство против бактериите, вирусите, воспаленијата и алергиите. Исто така, тие ја спречуваат оксидацијата на ”лошиот” LDL холестерол.
            Црното грозје помага за заштита од срцеви болести, рак и стареење на мозокот. Тоа се препорачува против лоша циркулација, а помага и при забавувањето на старењето.
            Лушпата на црното грозје изобилува со феноли, кои го даваат вкусот и бојата на црното грозје. Полифенолите ги чуваат крвните садови од атеросклероза и на тој начин го намалуваат ризикот од срцеви и васкуларни заболувања. Големите количини на ресвератрол позитивно влијаат на моторните и менталните функции на мозокот, го намалуваат ризикот од мозочен удар,а  ја одржуваат и флексибилноста и здравјето на срцевиот мускул.
            Консумирањето на црното грозје и производите од ова овошје, го смалува нивото на маснотиите во крвта и го спречува затнување на крвните садови и настанување на тромбоза. Екстрактот од семките на грозјето делува антиоксидансно, односно спречува оксидација на мастите, оштетување и затнување на крвните ќелии.

          
   Портокалот е овошје што треба да се консумира во текот на целата година како превентивата од многу здравствени проблеми,  Изобилува со: витамини ( Ц, А, Б1 , Б2, Е), азотни материи, растителни влакна, биофлавоноиди, минерални материи (железо, магнезиум, калциум, фосфор), јаглехидрати, ензими, етерични масла, каротеноиди, органски киселини итн.
            Тој се користи во исхраната во текот на целата година, за подготвување на сокови или како додаток на јадења (колачи). Најкорисен е свежо цедениот сок без конзерванси и без шеќер.
            Портокалот благотворно влијае на имунолошкиот систем. Ова овошје го подобрува апетитот и ја стимулира работата на црева, ја гаси жедта, ефикасно ги штити осетливите капилари и ја поттикнува апсорбцијата на железото. Одличен е и против респираторните инфекции.
            Нутриционистите го препорачуваат како одличен производ во исхраната на дијабетичарите поради мошне мало количество шеќер. Мошне делотворно делува против ангина, пречки со варење и болести на бубрезите и уринарниот тракт. Тој се користи како и чистач на организмот и органите за варење од штетни отровни материи, исто така е многу добро средство за мрсна кожа, ја освежува и чисти кожата.
            Присутниот моќен антиоксидант бета каротинот се грижи за ќелиите, калциумот ги зајакнува забите и коските и служи за одржување на нормален крвен притисок и подобрување на функцијата на мускулите, а природниот овошен шеќер, фруктозата го контролира покачувањето на крвниот шеќер после оброк.
            Свежо цедениот портокал е хранлив и може да се пие во било кое време, но треба веднаш да се испие, затоа што со стоењето се намалува количината на витамин Ц. Витаминот Ц го спречува крвавењето, го забрзува зараснувањето на исекотините и ги зајакнува крвните садови и капилари помагајќи им да ги спречат срцевите удари.
            Сокот од портокал го подобрува имунолошкиот систем, помага при намалување на крвниот притисок и при намалувањена нивото на холестерол, ја подобрува циркулацијата, помага при создавањето на нови ќелии и спречува создавање на различни видови на рак (вклучувајќи ги ракот на дојка и на простатата). Тој покажува многу анти-инфективни и тонични својства, кои се ефикасни во периодот на владеење на грипот, бидејќи помага при треската и го јакне ослабениот организам.

             Бананите се познати по нивниот сладок вкус и богатството на корисни состојки, кои помагаат да се остане во добра форма, но и да се спречи појавувањето на огромен број болести. Енергетската вредност на една банана (околу 100 g) е 89 kcal / 372 kJ. Содржат: протеини, масти, јаглехидрати, растителни влакна. Тие се богати со калиум, а присутни се и магнезиумот, калциумот, флуорот, фосфорот, железото, цинкот и бакарот. Исто така, богати се со витамини : бета-каротин, витамини од Б комплексот, витамин Ц и Е. Зрелите банани можат да се сушат и да се претворат во прав, а при тоа да не  ги изгубат витамините.
            Бананите изобилуваат со калиум, а содржат малку сол, па затоа се одлични за намалување на крвниот притисок. Калиумот помага во нормализирање на отчукувањата на срцето, испраќа кислород до мозокот и ја регулира количината на вода во телото, ја поттикнува концентрацијата и помнењето, а го намалува и ризикот од добивање мозочен удар.
            Ова тропско овошје е добар извор на магнезиум, кој има многу важна улога во врзувањето на калциумот во коските и во опуштањето на мускулите. Учествува и во регулирањето на срцевиот ритам и го намалува нивото на холестерол во крвта. Овој олигоелемент го регулира работењето на цревата, посебно во случај на постоење на запек. Кај трудиците, магнезиумот ја намалува опасноста од спонтан абортус и предвремено породување.
            Железото од бананите го поттикнува создавањето на хемоглобинот во крвта и со тоа помага при анемија. Бананите содржат големи количини Б витамини, кои го смируваат нервниот систем. Витаминот Б6, го регулира нивото на шеќерот во крвта, кој пак влијае на расположението. Помагаат при депресија, затоа што содржат триптофан, белковина којашто телото ја претвара во серотонин, кој пак е одговорен за подобрување на расположението и за релаксирање.
            Бананите се корисни за подобрување на работата на цревата. Се користат како диететска храна против цревни нарушувања поради својата мека текстура и мазност. Тие се единственото природното овошје кое може да се конзумира без проблем во случај на хроничен чир. Исто така ја намалуваат желудочната киселината, а со тоа ја штитат слузницата на желудникот од оштетување.

          
  Јаткастите овошја се многу здрави за нашиот организам и треба да се конзумираат редовно затоа што се богати извори на витамини и минерали кои ги нема во другите овошја и во зеленчукот, но во помали количини бидејќи содржат масти и се многу калорични. Во групата на јаткасти овошја спаѓаат оревите (индиските, јапонските ореви, бразилски орев), костените, бадемите, лешниците, ф'стаците и и др. Освен сурови може да се припремат на разни начини ( пржење, готвење ), како додаток на јадења или како една состојка во готови производи. Се користат и во козметиката како масла или состојки на многубројни препарати.
            Јаткастите плодови изобилуваат со здрави маснотии кои претставуваат храна за мозокот и срцето. Мастите го намалуваат ризикот од некои видови на  рак, го намалуваат нивото на лошиот холестерол, ги зајакнуваат крвните садови и го забрзуваат заздравувањето на раните. Во намалувањето на холестеролот помагаат и влакната, кои исто така даваат чувство на ситост, па се одлични ако се спроведува диета за намалување на телесната тежина и во превенцијата од дијабетес.
           
           Овие плодови се богати со омега-3 масни киселини. Омега-3 масните киселини го заштитуваат срцето од неправилни срцеви ритмии, кои што можат да доведат до срцеви удари. Присутниот витаминот Е помага во спречувањето на развојот на наслаги во артериите, а на ѕидовите на артериите, исто така деjствува и L-аргинин правејќи ги повеќе флексибилни и помалку чувствителни на создавање на тромби кои што го блокираат протокот на крв.
            Различните видови на јаткастите овошја имаат различни хранливи вредности. Со други зборови, имаат различна енергетска вредност и количина на одредени хранливи материи, па затоа секој од нив има одредени благотворни дејства врз организмот на човекот.
            
Од сите јаткасти овошја најбогати со калциум се  бадемите ( слатки и горчливи бадеми). Содржат: незаситени масни киселини, фолна киселина, магнезиум, умерени количини на протеини,  витамин B2, бакар и фосфор. Исто така, бадемите се богати и со витаминот Е, кој како антиоксиданс делува против слободните радикали и е многу ефикасен во превенцијата од инфекции и малигни заболувања.
            Тие содржат многу антивоспалителни состојки, растителни влакна и антиоксиданси кои се неопходни за одржување на здравјето кај човекот, го зајакнуваат природниот имунитет кај човекот, го намалуваат крвниот притисок и делуваат поволно на работата на срцето. Присутниот  магнезиум, има важна улога во регулација на различни видови на шеќери во крвта. Бадемите имаат понизок глико-хемиски индекс од сите  други јаткасти плодови, па затоа се идеални за дијабетичарите.
           
          
  Оревите се богати со Омега-3 масни киселини, витамини (A, C, E, и од групата B), минерали (магнезиум, јод, бакар, калциум, манган, фосфор, цинк, железо), висококвалитетни протеини со голема содржина на аминокиселината триптофан, олеинска и алфа линоленска киселина.
            Благодарение на високата содржина на омега-3 масните киселини оревите штитат од срцев удар и артеросклероза, висок крвен притисок, го намалуваат "лошиот" холестерол во крвта, ја стимулираат мозочната активност и го полнат организмот со енергија, а во комбинација со антиоксидансите тие го намалуваат ризикот од рак на дојката кај жените. Оревите ги зајакнуваат коските и штитат од анемија, создавање на камења во бубрезите и заболувања на тироидната жлезда.

            Лешниците се богати со масни киселини и витаминот Е. Покрај тоа, содржат растителни влакна, калциум, магнезиум, цинк, фолна киселина и биотин, кои ја подобруваат работата на срцето и го чуваат од болести. Мешавината на витамин B во лешниците позитивно влијае на нервниот систем и заедно со масните киселини ја подобруваат работата на мозокот. Лешникот ги смирува дури и хронични болки.
            Лешниците и оревите преставуваат одличен извор на агринин - амино киселина која има значителна улога во зараснувањето на рани, детоксификација, имунолошките функции, потпомага во лачење на хормони како инсулин и хормонот за раст и има учество при градбата на крвните зрнца, а преку нив го подобрува протокот на крв во организмот.


            
Ф’стаци. Овие јаткасти овошја се богати со калиум кој е важен за чистење на организмот, калциум кое е потребен за градбата на коските и на забите, магнезиум и фосфор, додека натриумот го има во занемарливи количини. Во ф’стаците се содржат и микроелементи како железо, цинк, бакар, манган, селен, како и бројни аминокиселини.
            За разлика од останатите јаткасти плодови (бадемите, лешниците и оревите), ф’стаците содржат поголема количина на диететскиот антиоксиданс – лутеин, бета каротен и гама-токоферол. Бета каротенот се претвора во витамин А кој служи за превенција од рак, а гама-токоферолот е честа форма на витаминот Е, кој е познат по своето силно антиоксидативно својство и заштитно дејство против некои видови на рак, а штити и од болести на срцето и од стареење. Лутеинот е важен за здравата  кожа.
            Ф’стаците не се само вкусна, туку и многу здрава храна, а едно од нивните позитивни својства е тоа што го намалуваат нивото на шеќер во крвта, така што го забавуваат апсорбирањето на јаглехидрати во телото. Консумирањето ф’стаци е еден од начините со кој можете да го спречите настанувањето на дијабетис. Исто така, тие позитивно влијаат на составот на крвта, го намалуваат холестеролот, помагаат во регулација на крвниот притисок, ја зголемуваат еластичноста на артериите и го смалуваат ризикот од срцеви болести.
            Плодот на ф’стакот е обвиткан со тенка кафеава лушпа. Според мислењата на нутриционистите, бојата го одредува квалитетот на плодот, така што доколку зелената боја е поинтензивна тоа значи дека има повеќе ензими во плодот.
            Конзумирањето ф’стаци треба да биде умерено бидејќи содржат многу калории, како и масти и јаглегхидрати. Тие треба да се јадат несолени, зашто солта го зголемува притисокот. Поради зголемениот процент на калиум не се препорачуваат на луѓето со бубрежни заболувања.

             Индиските ореви изобилуваат со масни киселини, протеини, целулоза, витамини Е, К и B1, магнезиум и калиум, кои го штитат кардиоваскуларниот систем. Исто така, изобилуваат и со големи количини на железо и помагаат во снабдувањето на организмот со кислород  и зголемувањето на енергијата.  
            По содржината на цинк, овој плод се наоѓа на првите. Цинкот ја подобрува отпорноста на организмот, а особено го подобрува лимфниот систем. Индискиот орев содржи и магнезиум, кој придонесува во заздравување на мускулите и нервниот систем и нивно опуштање.
            Овие ореви делуваат антибактериски, антисептички, одлични се за смирување на воспаленијата, го намалуваат нивото на шеќерот во крвта, го регулираат притисокот, ги чистат цревата и делуваат како благ афродизијак.

Како и зеленчукот така и секоe овошјето се карактеризира со посебни својства во зависност од состојките што ги содржи во себе, но без разлика за кој вид на овошје се работи тоa му е неопходен на нашиот организам за нормално функционирање.